ВИДЕО: Супер-Лаутаро е херој, Интер преку Наполи до првиот сезонски трофеј!

Фудбалерите на Интер го кренаа првиот трофеј во новата година, откако славеа во финалето на Суперкупот против Наполи во Ријад со 0-1 (0-0). Долго немаше погодоци на „КСУ стадион“ во Ријад, двете екипи имаа свои шанси, а веројатно момент кој го реши натпреварот беше исклучувањето на Џовани Симеоне. „Партенопеите“ издржаа повеќе од половина час со човек помалку, ама во судиското продолжение капитенот Лаутаро Мартинез донесе „црно-сина“ радост.

  • Извештај од натпреварот:

Двајцата тренери тргнаа со сите расположливи сили по трофејот во ова натпреварување. Се влезе мирно во натпреварот, главно се играше на средината од теренот. Првата посериозна закана ја имаше Федерико Димарко, чиј удар заврши крај голот. До полувремето „нераѕурите“ успеаја еднаш да постигнат и погодок преку Лаутаро Мартинез, меѓутоа истиот беше поништен поради офсајд. 

На стартот на вториот дел похрабро влезе Наполи, кој го притисна ривалот. Кратката опсада со гол можеше да ја круниса Кварацкелија, меѓутоа неговиот удар го одбрани голманот Зомер. На среќа на Интер, напаѓачот Џовани Симеоне беше невнимателен и нагази противник, па за тоа доби втор жолт картон и беше исклучен по еден час игра. Тој момент во целост го смени натпреварот, Интер ја презеде иницијативата и почна да притиска. Се закануваа Чалханоглу, Михтарјан и Арнаутовиќ, меѓутоа Наполи успеваше да се одбрани. 

Конечно, отпорот на „партенопеите“ пукна во 91. минута од натпреварот. По одлично одиграна акција по десната напаѓачка страна, Павар го проигра Лаутаро Мартинез, кој топката ја смести во мрежата за 0-1. Аргентинскиот голгетер со овој гол ја потврди одличната форма.

Овој гол го реши натпреварот, Наполи немаше сили и време да се врати и Интер го крена првиот трофеј во новата сезона, а амбициите на клубот се напад на сите одличја на „чизмата“.