• Саше Љолес
Екипата на Штутгарт продолжува со солидни игри во Бундеслигата и славеше победа над Волфсбург со убедливи 4-0 (3-0) во натпреварот кој се играше во рамки на 24. коло.
- Извештај од натпреварот:
„Швабите“ ја завршија работата уште во првите 45 минути. Најпрво резултатот го отвори Дениз Ундав, а потоа двоен стрелец беше Џејми Левелинг, кој погодуваше во краток период од само дванаесет минути.
Вториот дел беше чиста рутина за домашниот тим, кој на крајот лесно го заокружи триумфот и стигна до вкупно 46 бода, зацврстувајќи се на четвртата позиција на табелата. Конечните 4-0 беа дело на Данецот Николас Нарти, кој стрелаше во 95. минута од натпреварот.
Штутгарт во следното коло гостува кај Мајнц, а Волфсбург на домашен терен ќе го нагости тимот на Хамбургер.










