ВИДЕО: Супер-дербито во Тетово без победник, Елези испиша историја

Супер-дербито меѓу Шкендија и Шкупи во Тетово заврши без победник (1-1) и овие два тима најавуваат голема борба за врвот на табелата во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) до крајот.

Најквалитетните екипи во шампионатот се судрија и мрежите како по обичај не мируваа. Одличен меѓу стативите на Шкендија беше Захов, а мечот на „Градскиот стадион“ ќе се памети по младиот Дашмир Елези, кој тукушто наполни 16 години, а успеа да стрела и да стане најмладиот стрелец во историјата на македонската фудбалска лига.

Дуелот во Тетово почна со иницијатива на гостинот. Шкупи тргна без страв, па имаше две прекрасни прилики да го отвори резултатот, ама не успеа. Прво се обиде Диак со глава, ама Захов спаси од линијата, а потоа најдобриот стрелец Дарбо имаше зицер ама од перфектна ситуација за гол ја погоди пречката.

Во 11. минута дербито доби нов судија, затоа што Мечкаровски го повреди листот, а влезе Костадин Влахо. Потоа почнаа шансите за Шкендија, ама не завршија во мрежата. Бесарт Ибраими делуваше безопасно, одбраната на Шкупи добро го чуваше, а заканите доаѓаа од Ахмеди и Алими.

Кога сите чекаа крај на првиот дел, изненадувањето на Ѓока, Дашмир Елези, се запиша во листата на стрелците. Момчето кое тукушто наполни 16 години погоди во мрежата на Иљази и стана најмладиот стрелец во историјата на ПМФЛ. На стартот на вториот дел, Елези ја напушти играта, а влезе Тотре.

На самиот старт на вториот дел, Шкупи дојде до изедначување. Со глава реализира Илирид Адеми и го врати гостинот во игра на мечот. Шкендија потоа по еден старт бараше пенал, ама не го доби. Шкупи по дадениот гол не застана, продолжи со иницијативата, ама Захов беше одличен - фати три обиди на Шкупи преку Гудиаби, Алварез и Дарбо. Во последните петнаесет минути од мечот заморот и кај двата тима беше евидентен, па ремито е реален исход.

Шкендија по ова реми останува лидер во ПМФЛ со 26 бода, додека Шкупи сега падна на третата позиција и има 24 бода. Македонија ЃП е изненадувањето, затоа што „лавовите“ сега се втори со 25 бода.