ВИДЕО: Суле даде еврогол, римското дерби без победник

Римското дерби меѓу Лацио и Рома заврши без победник (1-1) во 32. коло на италијанската Серија А. Претпоследниот натпревар од оваа рунда понуди доста борба на „Олимпико“, а на крајот заврши со делба на бодовите. 

Првиот дел тргна со шанса на стоперот Алесио Ромањоли кој добро шутна и изнуди интервенција од голманот Миле Свилар. Екипите беа доста претпазливи и вистинските шанси изостанаа во првиот дел, а лацијалите беа нешто поконкретни и позаинтересирани за напад. 

Резултатот беше отворен на стартот на второто полувреме, поточно во 47. минута со голот на Ромањоли. Стоперот дочека нафрлување на пеналтикот од слободен удар кој го изведе Пелегрини, па со глава го матира гостинскиот голман за 1-0. 

Рома во продолжението притисна и успеа да стигне до израмнување и тоа со ефектен погодок на Матиас Суле. Аргентинецот по одложена топка од Салемакерс упати вистинска бомба која се одби од пречката, тапна зад линијата и излезе од голот за 1-1 во 69. минута. 

  • Извештај од натпреварот:

До крајот на средбата резултатот не се менуваше и римските ривали мораа да се задоволат со по бод во борбата за Европа. Лацио со 56 бода се наоѓа на шестата позиција, додека Рома има два помалку и е позиција подолу.