Судот го спаси Палермо од Серија Ц, но пак нема да игра плеј-оф!

Судот за жалби во Италија го спаси Палермо од исфрлање во понизок ранг и ја прифати жалбата на сицилијанците, но тимот ќе мора да се соочи со казна, која ќе го остави без плеј-оф за влез во калчото.

Палермо заврши на третото место и очекуваше плеј-оф, но како бомба одекна дека италијанскиот суд донел одлука дека тимот треба да биде исфрлен во понизок ранг, поради финансиски малверзации при преземање на сопственоста.

Но, по жалбата, одлучено е дека Палермо нема да оди во Серија Ц. Тимот ќе остане без 20 бода, што значи дека опстанокот е загарантиран, но нема плеј-оф за влез во елитата. 

Сега, доаѓа до промени на табелата која претходно беше најавена. Тоа значи дека Венеција и Салернитана ќе играат во плеј-аутот, а директно во Серија Ц ќе патува Фоџа. 

Палермо имаше 63 бода, а со одземените 20 бода, тимот со вкупно 43 бода финишира на 12 место во Серија Б.