Судиски кражби, пцовки, ќотек и камења за Локомотива на гости кај Беса!

Локомотива од Карпош загуби на гостувањето кај Влазерими-Беса (3-1), но постои револт кај третолигашот предводен од македонската легенда Илчо Наумоски, поради односот на домашните и на судиите за време на средбата која се одигра на теренот во Слупчане.

„Локосите“ од Карпош биле во игра за бодови се до 47. минута, кога почнале судиските лакрдии. Се досудило пенал иако двата играчи биле далеку од контакт, а исто така, не се казнувала и грубата игра на домашните, тврди тренерот Наумоски.

„Во 47. минута судијата се дрзна да покаже срамен пенал против нас иако имаше два метри меѓу играчите. Никој не знаеше зошто, сите се чудеа. Исто така се играше и доста грубо, народски кажано ни удрија „ќотек“ на терен, а кога судијата сакаше да даде картон за домашните, сите му се нафрлуваа, му се враќаше картонот в џеб!

Не маваа со камења, не пцуеја, делегатот сето тоа го гледаше, а мечот не се прекинуваше. Епа, не можеш да се бориш со тие работи. Имаме пет повредени играчи по оваа средба. Не го заслужуваме ова. На крајот од револт решивме да им ја додаваме топката, па ни дадоа и трет гол“, ни изјави Наумоски.

Некогашниот напаѓач се врати во македонскиот фудбал за да ѝ помогне на Локомотива, ама не може да поверува од она што го гледа и е запрепастен од ситуацијата на терените.

„Се вратив од Австрија за да помогнам, за да направиме нешто со овие деца што ги имам во Локомотива, кои се желни за успех. Здравјето и нозете ги оставив за Македонија, инвалид сум поради настапите во репрезентацијата и во Вардар. Ние сакаме да одиме нагоре, ама други не ни дозволуваат. Сите играат против нас. Мора да се поведе сметка за овие работи. Не може некој така да се однесува на фудбалски терен. Мора да се казнат сите што прават такви работи, па да видиме потоа дали ќе го повторат делото. Најстроги казни и суспензии на терен за вакви недолични работи во фудбалот се потребни. Без разлика кој прави глупости на фудбалски меч, мора да си понесе одговорност за тоа“, гласи ставот на тренерот на Локомотива.

Локомотива во новата сезона од Третата лига-Север има девет освоени бода.