Судиската комисија потврди: Беса доби подарок пенал против Скопје

Судиската комисија при Фудбалската федерација на Македонија ги сочека натпреварите од Купот на Македонија, па објави заедничка анализа на арбитражата во натпреварите од 27. коло во ПМФЛ и 24. во ВМФЛ

Кај прволигашите се разгледани три ситуации на натпреварите меѓу Струга Трим Љум со Брегалница, како и Гостивар против Тиквеш. Младеновски и помошниците, како и Ѓорѓиев со помошниците исправно процениле во трите спорни моменти на прволигашките терени. 

<<< - ПОВРЗАНО - ВИДЕО: Калц се крстеше со неверување, дали Беса доби пенал на подарок од судијата?

Што се однесува до второлигашката конкуренција, се гледаа ситуации од дуелот на Охрид со Новаци, Беса против Скопје, како и Беласица и Саса. Како што се очекуваше, оштетена е екипата на Скопје за непостоечки пенал за Беса во 77. минута при резултат 1-1. Комисијата утврди дека се работеше за симулација, а требаше да има и жолт картон за играчот на Беса. 

„Погрешна проценка на главниот судија за досуден пенал за домашната екипа при резултат 1-1. 

Играч на домаќините беше во посед на топка странично во шеснаесетникот на гостинската екипа, позади него стоеше противнички играч, играчот на домаќините кога сакаше да ја удри топката падна, сакајки со тоа да изнуди контакт од противничкиот играч и пенал.

Погрешна одлука на главниот судија што досуди пенал за домаќините. Во оваа ситуација требаше да досуди индиректен слободен удар за гостинската екипа и жолт картон за играчот на домакините (симулација), бидејки сакаше да изнуди контакт за пенал и падна без да има прекршок од противнички играч. Иако главниот судија беше одлично поставен и со јасна прегледност, донесе погрешна одлука“, стои во објаснувањето.

Исто така се анализира и ситуација од натпреварот меѓу Македонија Ѓорче Петров и Воска Спорт, а и таму Стојан Трпчевски донел добра одлука за досуден пенал. 

Целосната судиска анализа можете да ја погледнете на ОВОЈ линк.