Судиска комисија: Вардар и Брегалница неосновано бараа пенали во Купот

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја објави судиската анализа и прегледот на спорните моменти од четвртфиналните натпревари од Купот на Македонија.

Вардар во првото полувреме бараше пенал против Силекс откако Жоглев беше срушен во казнениот простор. Меѓутоа, според судиската комисија, арбитрите ја донеле точната одлука и немало контакт за најстрога казна.

„Играч од екипата на гостите беше во посед на топката странично во шеснаесетникот на екипата на домаќините, до него беше и играч од одбраната на домаќините и му ја изби топката по што играчот од екипата на гостите падна. Исправна одлука на главниот судија што дозволи играта да продолжи, бидејќи играчот ја удри топката и немаше контакт за удар од 11 метри“, стои во објавата.

Слично е и за спорната ситуација од 46. минута од дуелот меѓу Струга и Брегалница, кога штипјани бараа пенал.

„Играч од екипата на гостите беше во посед на топката во шеснаесетникот на екипата на домаќините, искористува минимален контакт од играч на домаќините и паѓа сакајќи да изнуди удар од 11 метри. Главниот судија е идеално поставен и исправно досудува индиректен слободен удар за екипата на домаќините. Исправна одлука на главниот судија што досуди индиректен слободен удар за екипата на домаќините и додели жолт картон на играчот за симулација“, велат од комисијата.

На натпреварот меѓу Македонија ЃП и Академија Пандев немаше спорни моменти. Дуелот Шкупи-Шкендија траеше само девет минути и таму немаше моменти за анализа.