Судијата кој му носи „среќа“ на Арсенал ќе го суди финалето со ПСЖ во ЛШ

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) денес објави дека главен судија на финалето на Лигата на шампионите ќе биде Даниел Зиберт.

Станува збор за германски судија, кој неодамна го судеше реваншот од полуфиналето во кој Арсенал го победи Атлетико Мадрид со 1-0. Да се потсетиме дека по овој натпревар, мадриѓани го изразија незадоволство од одредени одлуки, како што е онаа да се досуди прекршок врз Габриел, во моментот кога Антоан Гризман постигна гол.

Исто така, Џулијано Симеоне беше убеден дека ќе добие пенал поради влечењето одзади на Габриел во шеснаесетникот, но Германецот не сметаше така. Интересно е што тој беше судија и на натпреварот помеѓу Спортинг и Арсенал во Лисабон, а гостите го добија тој натпревар со голот на Каи Хаверц во судиското продолжение.

Тој му судеше на Пари Сен Жермен во групната фаза, во нерешениот исход со Атлетик Билбао. Големото финале во Лигата на шампионите ќе се игра во Будимпешта на 30 мај во 18:00 часот.