Судијата кој ја испрати Швајцарија на СП се кае: Се срамам од грешката!

Репрезентацијата на Швајцарија ќе игра на Светското првенство (СП) во Русија благодарение на победата на првиот натпревар во Белфаст против Северна Ирска (0-1), но ситуацијата можеше да биде поинаква, да не беше судиската грешка на Овидиу Хатеган.

Швајцарија со гол од пенал на Рикардо Родригез мина во наредната фаза, а Хатеган по неколку месеци призна дека погрешил при носењето на одлуката да покаже на белата точка и дека длабоко се кае за тоа.

„Се срамам од одлуката, направив грешка и тоа ме чинеше настап на СП во Русија. Се надевам дека ќе бидам барем во собата каде ќе има видео-технологија. Ја признавам грешката за пеналот, но судиската работа е таква, понекогаш грешиме“, изјави Хатеган.

Северна Ирска уште по натпреварот реагираше кај ФИФА на одлуката, но сепак, немаше промена на резултатот или пак преигрување.