• Мартин Танасковски

Македонскиот прволигаш Шкендија 77 Арачиново преку официјално соопштение информираше дека судијата Влатко Илиоски лично го контактирал капитенот Бесир Демири и му се извинил за инцидентот што се случил.
Од клубот го поздравија гестот и подготвеноста на судијата да ја признае грешката, но нагласија дека извинувањето не може да ја замени одговорноста за наводните навреди од расистички карактер.
„Расизмот и дискриминацијата немаат место во фудбалот, особено кога доаѓаат од лица чија должност е да гарантираат правичност, непристрасност и почитување на правилата“, се наведува во соопштението.
И покрај извинувањето, Шкендија Арачиново останува на ставот дека надлежните фудбалски органи треба да го разгледаат случајот и да преземат соодветни дисциплински мерки.
„Не бараме одмазда, туку одговорност. Не бараме привилегии, туку почит и еднаков третман за секој фудбалер“, порачуваат од клубот, нагласувајќи дека станува збор за прашање што го засега достоинството на секој спортист.
Од Шкендија Арачиново во соопштението заклучија дека дека фудбалот треба да обединува, а не да разделува.






