• Мартин Танасковски
Натпреварот меѓу Сараево и Рудар на стадионот „Кошево“ заврши без победник со резултат 2-2, но спортскиот дел од дуелот остана во втор план поради големите контроверзии околу судењето. Централна фигура во настаните беше главниот судија Антонио Бандиќ, чии одлуки предизвикаа силни реакции кај домашниот тим и кај навивачите.
Во текот на средбата арбитерот донесе повеќе одлуки кои беа оспорувани од фудбалерите и стручниот штаб на Сараево. Натпреварот беше обележан со голем број жолти картони и дури три досудени пенали, што дополнително ја зголеми тензијата на теренот и на трибините. Во неколку наврати играчите на домашниот состав бурно реагираа на одлуките на судијата, сметајќи дека некои од нив директно влијаеле врз текот на натпреварот.
По последниот судиски свиреж ситуацијата стана уште понапната. Незадоволството во редовите на Сараево беше очигледно, а атмосферата на теренот беше толку наелектризирана што обезбедувањето мораше да интервенира и да го придружува судијата додека го напушташе теренот. Тој момент беше проследен со реакции од играчите и членовите на стручниот штаб на домашниот тим, кои формираа коридор додека арбитерот заминуваше кон соблекувалните, испраќајќи му јасна порака дека не се согласуваат со начинот на кој ја водеше средбата.
Незадоволството на клубот не заврши само со реакциите на теренот. Набрзо по натпреварот, Сараево објави и иронична порака на социјалните мрежи со која дополнително го изрази својот став за судењето. Во објавата клубот наведе дека токму судијата Антонио Бандиќ ја добива наградата за играч на натпреварот. Во пораката се додава дека судијата не сакал да ја преземе наградата, но клубот сепак му ја доделува.
Овој потег предизвика бројни реакции меѓу навивачите и спортската јавност, поддржувачи на тимот во чии редови се двајца македонски фудбалери - Стефан Ристовски и Агон Елези. Елези влезе на терен во вториот дел, Ристовски го гледаше мечот од клупата за резерви.





