• Саше Љолес

Судиската организација на Фудбалската федерација на Грција најави бојкот со кој на неодредено време ќе биде прекинато првенството во оваа земја. Има повеќе причини за оваа одлука, но најголем проблем се вели дека се лошите услови за работа и пречестите проблеми со дивеењето на грчките хулигани.
Арбитрите постојано се под голем притисок и често се напаѓани од хулиганите, а дел од нив се жалат и на смртни закани кои секојдневно ги добиваат на социјалните мрежи. Минатиот месец во Атина беше нападнат судијата Андреас Гамарис и за среќа мина со полесни повреди, а истото се случи и Тасос Папетру, кој напрво беше нападнат пред стадионот, а потоа добивал пораки со смртни закани.
После заеднички состанок на судиската организација, беше решено дека делителите на правдата го креваат својот глас и започнуваат бојкот кој ќе трае до комплетно решавање на ситуацијата.
„Судиите од Грција го креваат својот глас! Мора да се стави крај на дивеењето и на нападите врз нив. Ние не сме жртвени јариња, туку обични луѓе. Сите минуваат неказнето за овие напади и сериозни кривични дела, а тоа е недозволиво. Започнуваме во бојкот и нема да судиме натпревари сѐ додека не се подобрат условите за работа“, стои во краткото соопштение од судиската организација.
Сѐ уште нема никаква официјална реакција од Фудбалската федерација на Грција, но се претпоставува дека челните лица ќе ја почитуваат одлуката на судиите и ќе се обидат да изнајдат заедничко решение со сите релевантни фактори за заштита на официјалните лица и гарантирање на нивната безбедност на натпреварите.