Суарез: Реков некои работи што не требаше, но ѝ стојам на располагање на репрезентацијата

На нешто повеќе од еден месец пред почетокот на Светското првенство, најдобриот стрелец на сите времиња во уругвајската фудбалска репрезентација, 39-годишниот Луис Суарез, изјави дека е отворен за евентуално враќање во репрезентацијата. Некогашниот ас на Барселона се пензионираше од репрезентацијата во септември 2024 година по конфликт со селекторот Марсело Биелса.

Пред повеќе од година ипол, Суарез го обвини Биелса дека создава раздор во тимот и дека се однесува ладно кон играчите. 

„Тогаш кажав некои работи што не требаше. Мора да бидете способни да ги признаете своите грешки, за мене сега тоа е минато. Ако сум потребен, никогаш нема да кажам не на мојата земја. Додека сум активен, ќе бидам достапен“, рече поранешниот напаѓач на Ливерпул и Барселона, а сега на Интер Мајами.

За време на својата богата кариера, Суарез одигра 143 натпревари за репрезентацијата и постигна рекордни 69 гола. Тој го освои првенството на Јужна Америка со Уругвај пред 15 години, а учествуваше и на четири Светски првенства, па овогодинешното би му било петто, доколку сегашниот селектор на Уругвај, Биелса, го врати во репрезентацијата.

Светското првенство ќе се игра од 11 јуни до 19 јули во САД, Канада и Мексико, а Уругвај ќе започне од групата Х, каде што се сместени со репрезентациите на Шпанија, Зеленортските острови и Саудиска Арабија.