ВИДЕО: Суарез играше за четири гиганти, но никаде не доживеа сцени како во Бразил!

Искусниот Луис Суарез синоќа во солзи се прости од дресот на бразилски Гремио. Имено, уругвајскиот голгетер заминува во Интер Мајами каде ќе започне нови предизвици, а синоќа на најдобар можен начин се прости од Гремио. Тој го постигна единствениот гол во победата над Васко де Гама, а од трибините доби овации.

Тоа беше посебен момент и тој не можеше да ги задржи солзите. Неговото семејство на крајот се спушти на теренот и емоциите беа на високо ниво. Гремио му посвети и специјално видео кое секој можеше да го погледне.

„Напишавте прекрасно поглавје во нашата историја. Каде и да сте, засекогаш ќе бидете бесмртни“, напиша Гремио.

На 52 натпревари за Гремио, Суарез постигна 27 гола, ги оправда очекувањата, но не можеше да ја одбие поканата од САД. Таму го очекуваат соиграчите од Барселона, Меси, Бускетс и Алба. Уругвајската легенда ќе потпише едногодишен договор со Интер со опција за продолжување на договорот за 2025 година.

Суарез во досегашната кариера играше за четири европски гиганти (Ајакс, Ливерпул, Барселона и Атлетико Мадрид), но никаде не доживеа сцени како синоќа во Бразил.