• Саше Љолес
Легендарниот уругвајски напаѓач, Луис Суарез, уште еднаш ја потврди својата светска класа и со гол и две асистенции му помогна на својот Гремио во победата со 4-3 над Америка МГ.
Суарез одамна е познат по својот убиствен гол-инстинкт, а со последниот настап стигна до неверојатни бројки од 550 голови и дури 301 асистенција во кариерата. Ова е навистина монструозен учинок на фудбалерот кој најголемата слава ја стекна играјќи за Ливерпул и Барселона, а беше дел и од Ајакс, Атлетико Мадрид, Национал и Гронинген.
Летово шпекулациите го поврзуваа со премин во Интер Мајами кај поранешниот колега Лионел Меси, но тој сепак реши да остане во Бразил, каде блеска со своите изданија. Гремио во моментов е петтопласиран на табелата, а Уругваецот досега има одличен учинок од десет гола и девет асистенции.
36-годишниот Луис Суарез освои буквално сѐ што можеше на клупски план. Еднаш триумфираше и во Лигата на шампионите со Барселона, а исто така ја прекинуваше доминацијата на Кристијано Роналдо и Лионел Меси и во периодот меѓу 2010 и 2019 година двапати ја освојуваше „златната копачка“.