ВИДЕО: Суарез даде гол како на „плејстејшн“, Барса до нова радост во Примера

Екипата на Барселона го продолжи победничкиот од во шпанска Примера и на „Камп Ноу“ со 3-0 (1-0) славеше над Еибар во претпоследниот неделен натпревар од 19. коло на Примера. Натпреварот ќе се памети по 400-от гол на Меси во Примера и двете прекрасни тимски акции, кои ги заврши Уругваецот Луис Суарез. 

Очекувано, фаворитот прокнижи нови три бода и ја задржа високата разлика на табелата во однос на второпласираниот Атлетико Мадрид. До посакуваната радост, Барселона одеше на јужноамерикански погон, со два гола на Луис Суарез и еден на Лионел Меси.

Првиот погодок на мечот го постигна Луис Суарез во 19. минута. На истиот му претходеше фантастична тимска акција, исто како на „плејстејшн“. Фудбалерите на Еибар останаа збунети од додавањата на прва, а последниот пас до Суарез го имаше Филипе Кутињо.

На пауза Барса замина со еден гол предност, а во 50. минута Лео Меси го потврди триумфот, откако го искористи киксот на одбранбените играчи на Еибар. Точка се стави во 59. минута, кога по еден брз изведен аут Суарез излезе пред голот на противникот и погоди со леснотија.

Барселона по 19 кола во Примера има 43 бода, пет повеќе во однос на второпласираниот Атлетико Мадрид. Во наредното коло каталонскиот тим ќе игра против Леганес, додека Еибар ќе биде домаќин на Еспањол.