Ступиќ: Самодовербата кај младите фудбалери е подигната, ќе дадеме сè од себе против Тиквеш

По убедливиот триумф над Росоман, екипата на Кит-Го Пехчево е пред нов тежок испит оваа сезона, затоа што денес му гостува на еден од фаворитите за првото место, тимот на Тиквеш. 

Искусниот Бошко Ступиќ вели дека атмосферата во екипата е на завидно ниво и верува во одлична партија и поволен резултат против големиот фаворит. 

„Нè очекуваат две тешки средби од кои најпрво против Тиквеш во Кавадарци. Подигната е и самодовербата меѓу младите момци во составот па ќе дадеме сè од себе да дојдеме до позитивен резултат“, истакнува Бошко Ступиќ.

По 12 одиграни натпревари во ВМФЛ – Исток, Кит-Го е на петтата позиција на табелата со 15 бода, додека Тиквеш е втор со 30 бода.