Стружани спремаат две „бомби“: Радески и Ибраими доаѓаат покрај езерото?

По серијата заминувања, Струга Трим Љум е необично активна на фудбалскиот пазар и со доведувањата на Мециновиќ, Алтипармаковски, Ристевски, Рамадани гради компетитивен тим кој ќе му биде доверен на Срѓан Захариевски. Младиот тренер сепак очекува уште неколку нови имиња, посебно во офанзивниот дел.

Последните информации на Gol.mk се дека Струга Трим Љум ќе се обиде да доведе две големи засилувања, со репрезентативно ниво и имиџ. Имено, стружани ги контактирале Марјан Радески и Агим Ибраими и наскоро детално ќе разговараат за премин покрај Охридското езеро. Иако двајцата имаат планови за интернационална кариера, сепак не ја исклучуваат можноста за изненадување и потпис со најмладиот прволигаш.

Марјан Радески пред неколку недели си замина од Шкендија и моментално е слободен агент. Македонскиот репрезентативец е на мета на чешкиот клуб Словачко. Сепак, Струга Трим Љум може да му понуди одлични услови и добар проект за напредок, па Радески не ја „затвора вратата“ за премин во македонскиот прволигаш. 25-годишниот Радески досега беше дел од клубовите 11 Октомври, Металург и Шкендија.

Поранешниот репрезентативец на Македонија, Агим Ибраими беше пред потпис со Партизан, но преговорите претрпеа успорување. 31-годишникот запиша 40 настапи во дресот на Шкендија, постигнувајќи 11 погодоци и 16 асистенции. Негов премин во Струга Трим Љум би бил вистинска „трансфер „бомба“ и магнет за гледачите. 

Ибраими во својата кариера настапуваше и во словенските екипи Нафта, Олимпија, Марибор и Домжале, Астана и Каљари.

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк