• Саше Љолес
Фудбалската федерација на Македонија ги делегираше судиите кои ќе ја делат правдата во последното есенско коло, осумнаесетто по ред во Првата македонска фудбалска лига сезонава.
Дербито во ова коло ќе се одигра во Тетово, каде Шкендија ќе го пречека незгодниот Силекс, а главен судија на овој натпревар ќе биде Јован Качевски од Струга. Александар Грујоски од Кичево ќе ја дели правдата на мечот помеѓу Брера Струмица и Шкупи, додека на дуелот меѓу Воска Спорт и Работнички во Охрид задолжен за редот на теренот ќе биде Влатко Илиоски од Прилеп. Стојанче Стојанов од Штип ќе истрча на теренот заедно со фудбалерите на Гостивар и Македонија ЃП, а Димитар Пилешков ќе ја дели правдата во Маџари, каде Вардар ќе го пречека Тиквеш од Кавадарци.
Актуелниот шампион и моментален лидер на табелата, Струга Трим Љум на домашен терен ќе го пречека тимот на Брегалница, а тука „човекот во црно“ ќе биде нашиот интернационален судија со знакот на ФИФА, Александар Ставрев.
Последното есенско коло од ПМФЛ ќе започне на деветти декември со мечот помеѓу Гостивар и Македонија ЃП, а останатите натпревари се играат ден подоцна, во истиот термин од 13:00 часот.