• Зоран Мишевски

Љубителите на фудбалот во Струмица имаат причини за задоволство. Прволигашот Брера Струмица го пријави Градскиот стадион „Благој Истатов“ како свој прв домашен терен за сезоната 2024/25, а алтернативен е теренот на спортскиот центар „Пандев“.
Со тоа струмичани ќе имаат можност да гледаат натпревари од Првата лига на поголем стадион, со поголем капацитет, а отворена е опцијата и за вечерни натпревари. На истиот стадион своите домашни натпревари ги игра и Беласица.
Стадионот „Благој Истатов“ е еден од најубавите во нашата земја, реновиран е, во него инвестираше и Фудбалската федерација на Македонија, а и националната репрезентација таму играше официјални или пријателски натпревари.
Првиот натпревар во новата сезона Брера го игра на 11 август против Вардар на домашен терен.