Струга тргна со „десетка“, Пелистер и Брера убедливи во Купот

Купот на Македонија тргна со четири натпревари од 1/16-финалето, а на сите од нив оние кои беа фаворити, си ја оправдаа улогата и се пласираа во следната рунда од натпреварувањето.

Екипата на Струга Трим Лум покажа моќ и со 10-1 славеше над тимот на Победа Валандово. По првите 45 минути, резултатот гласеше 7-0 и тука практично беше завршена задачата за фаворитот. Флоријан Рочи погоди четири пати за победникот, Алтин Алији даде два гола, а по еднаш погодија Даниел Акинлосоту, Арби Воша и Агон Демири.

Убедлива победа забележа и Пелистер, кој со 6-1 беше подобар од Студеничани. Иако играа во комбиниран состав, „зелените“ очекувано го добија дуелот. Стојилевски, Љамчевски, Сиваков и Стојанов погодија во првиот дел, додека во вториот дел, Талевски и Пресилски го поставија конечниот резултат.

Убедливо славеше и Брера Струмица, која со 8-0 беше подобра од Венец Неготино. Четири гола постигна Матеј Сејменов, а по еднаш реализираа Игор Ристов, Марио Митрев. Двоен стрелец беше Глигор Бучков.

Највисоката победа ја забележа Македонија ЃП, која со 14-0 беше подобра од Велазерими од Кичево. Стрелец на хет-трик беше Трајче Талевски, по два гола дадоа Кристијан Ѓоргиевски и Михаил Митрески, по еднаш погодија Омер Сулејмани, Константино Алекс Ѓоргиовски, Михаил Митрески, Кристијан Таневски, Бесмир Исмани, Марко Младеновиќ и Марко Блажевски.

Утре својот настап во Купот ќе го има Вардар, кој ќе се соочи со Овче Поле, додека останатите дуели од оваа рунда се закажани за следната седмица, а дел од натпреварите ќе се одиграат во октомври.