Струга ТЉ по двојна круна, Македонија ЃП го брани трофејот во јубилејното финале

Екипата на Стурга Трим Љум за првпат во својата клупска историја стана шампион на Македонија, но сè уште во целост не си ја заврши работата на домашната сцена. Пред новиот првак во ПМФЛ претстои уште една битка за трофеј, овој пат во Купот на Македонија.

Стружани како фаворит од сенка ја отвори сезоната 2022/23, но уште од првото коло покажа дека поседува квалитет за високи дострели. Шампионатот го започнаа со осум победи во низа и го најавија историскиот подвиг, а исто така брилијантна им беше завршницата – со пет победи по ред. Но, сега пред нив е нешто сосема различно – деведесет минути против екипа која што знае да одигра вакви натпревари.  

Финалето на Купот е фудбалски празник за секоја држава, така е и за фудбалска Македонија. На тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје, Македонија ЃП ќе го брани ланскиот освоен трофеј од најдобрата екипа во Македонија. Значи, две квалитетни екипи ќе се најдат една спроти друга со свои желби и амбиции. „Лавовите“ од Ѓорче во своето петто финале ќе одат по третиот трофеј, додека стружани сакаат да испишат историја. За првпат се во финалето и посакуваат своето деби да го крунисаат со нов триумф и да го однесат и куп пехарот во својот град и да ја завршат сезоната на фантастичен начин со двојна круна.

Со победа во финалето, екипата на Македонија ЃП ќе има европско лето во квалификациите во Конференциската лига, додека Струга ТЉ што и да направи ќе ја претставува нашата земја во квалификациите во Лигата на Шампионите. И едната и другата екипа си имаат свои адути. Едните на своја страна го имаат тоа непроценливо искуство како клуб од играње на вакви мечеви, ова за „лавовите“ ќе биде петто финале, и тоа трето во последните четири години, додека Струга како свој адут ги има формата на тимот, и податокот дека пред неколку дена станаа шампиони во ПМФЛ.

Ова ќе биде натпревар за вистинско фудбалско уживање, тренерски дуел меѓу Горан Симов и Шпетим Дуро, потоа фудбалско надмудрување меѓу Мишевски, Стојковски, Воша, Стевковски, Фазли... на едната страна и Ибраими, Шабани, Радиќ, Радески, Ќосевски...на другата страна. Квалитетот на двете екипи гарантира голем меч,  неизвесност, дуел кој секако дека ќе биде супер интересен. Овој меч, ова јубилејно триесетто финале се очекува да биде вистинско уживање за фудбалските фанови.

  • Патот на двете екипи до финалето во Купот на Македонија:

Македонија ЃП

1/16 финале: Слободна
Осминафинале: Победа – Македонија ЃП 0-2
Четвртфинале: Македонија ЃП – А. Пандев 1-0
Полуфинале: Шкендија – Македонија ЃП 1-1 (3-4 П)

Струга Трим Љум

1/16 финале: Вардар Н – Струга ТЉ 1-2
Осминафинале: Струга ТЉ– Работнички 2-1
Четвртфинале: Струга ТЉ – Брегалница 2-0
Полуфинале: Струга ТЉ – Силекс 1-0