ВИДЕО: Струга ТЉ лесно се справи со „фенерџијата“ Беласица покрај езерото

Екипата на Струга Трим Љум запиша домашни бодови против Беласица, откако со 3-0 (2-0) го победи струмичкиот тим покрај Охридското езеро. Избраниците на Срѓан Захариевски уште на самиот старт поведоа од пенал, а до паузата дадоа уште еден гол и со тоа можеа полабаво да играат во продолжението. До крајот, имаа уште една најстрога казна, ама истата не ја реализира Таири, а потоа погоди Османи, додека Беласица беше инфериорна.

Одбраните практично сè уште не беа наместени кога Цветановски беше влечен од зад грб, падна во шеснаесетникот и судијата Александар Ставрев покажа на белата точка. Сигурен егзекутор беше искусниот Нијас Лена за предност на домаќинот од 1-0.

Не мина долго време до нова закана пред голот на Силјановски, бидејќи веќе во деветтата минута Струга ТЉ поведе со 2-0. По еден удар, голманот на Беласица одбрани, ама одбиената топка заврши само кај Филип Миленковски, кој ја смести во мрежата. До полувремето на двете страни немаше премногу возбудувања, стружани ја контролираа играта, а гостите беа инфериорни и не успеваа да се заканат посериозно.

Ниту по пауза работите на теренот не се променија драстично. Голманот Ѓуриќ остана без многу задолженија, бидејќи Струга го диктираше темпото и мудро чекаше своја шанса за нов погодок. Таква можност дојде со вториот пенал за домаќините, ама овојпат капитенот Таири ја презеде одговорноста и биеше непрецизно покрај голот.

Истиот фудбалер имаше уште една одлична можност да погоди, ама од изгледна позиција не успеа одново да го совлада Силјановски. Наместо Беласица да ги искористи промашувањата, стигна и третиот погодок во струмичката мрежа. Таири нафрли од корнер, а нововлезениот напаѓач Флорент Османи со глава ја смести топката во голот за 3-0 во 70. минута.

До крајот на пресметката Струга остана тимот кој контролира и напаѓа. Домашниот тим предводен од Захариевски имаше неколку можности, ама не ги искористи и резултатот остана непроменет.