• Иван Димовски

Фудбалерите на Струга Трим Лум се пласираа во четвртфиналето на Купот на Македонија, откако рутински и релативно лесно се справија со Македонија Ѓорче Петров во Скопје (0-5).
Натпреварот во Ѓорче Петров во целост му припадна на гостинскиот тим, кој од стартот се наметна и покажа дека е поквалитетен. Тоа се исплатеше бидејќи по речиси половина час беше отворен резултатот со голот на Ѓорѓе Ивковиќ. Акцијата тргна на средината од противничкото поле, капитенот Шабани повлече и испрати топка на левата страна со Фал, а овој одлично нафрли во петерецот. Таму српскиот напаѓач со многу чувство во пад со глава го матира домашниот голман за 0-1. Овој резултат беше активен на полувремето, а потоа на стартот на второто стружани ја удвоија предноста. Арби Воша украде топка во противничката половина, одлично тргна кон голот откосо и го изненади голманот со шут со надворешно ефе. Топката имаше непријатен пат и заврши во мрежата за 0-2.
Третиот гол беше дело на Басиру Компаоре кој по еден корнер во 76. минута од средбата. Фудбалерот од Буркина Фасо добро се снајде на петерецот и реализира. Христијан Малески десет минути подоцна, откако доби топка низ одбраната од Шабани и лесно пласира во мрежата на гостите. Точка на победата стави Стефан Јевтовски во последните секунди од средбата. Играчот за врска одигра двојно проигрување со Малески и реализира за конечните 0-5.
Струга го продолжува патот во Купот, каде што лани играше финале и загуби од Вардар.







