Струга остана без главниот дефанзивец Јасмин Мециновиќ

Екипата на Струга Трим Љум ќе мора да ја продолжи сезоната без главниот играч Јасмин Мециновиќ кој заминува во странство и се враќа на интернационалната кариера.

Мециновиќ беше главен стопер во редовите на стружани и прв дефанзивец пред голот на тимот кој лани имаше историски настап во квалификациите за Лигата на Европа. Мециновиќ се прости од Струга Трим Љум, а продолжува во Бангладеш.

„Не можев да замислам подобро збогување. Среќен сум затоа што испишав историја со овој тим и се надевам дека еден ден повторно ќе се вратам во Струга. Благодарам за се што ми овозможи овој клуб“, напиша Мециновиќ.

31-годишниот стопер играше за Струга Трим Љум од 2020 година, а претходно настапуваше за Персела од Индонезија, Подгорица и Рудар од Црна Гора, Трепча од Косово, Неџмех од Либан, Мелака Јунајтед од Малезија, Банантс од Ерменија, Шериф Тираспол и Тираспол од Молдавија, Егри од Унгарија...