• Горан Упале
Фудбалерите на Струга Трим Љум одиграа храбро во Братислава, но се чини како среќата да им го сврте грбот и запишаа пораз од 4-2, во првиот натпревар од воведното коло од квалификациите за Лигата на шампионите.
Шампионот на Словачка по првиот дел имаше водство од 2-0, но по паузата на сцена стапи искусниот Бесарт Ибраими кој со два гола ја врати Струга во игра. Сепак, нашиот првак не успеа да го сочува позитивниот резултат, до крајот на натпреварот прими уште два гола и сега е во тешка ситуација во реваншот.
Попладнево, стружани во Охрид ќе го пречекаат незгодниот тим на Слован и ќе пробаат да приредат изненадување и да се пласираат во наредното коло од квалификациите за Лигата на шампионите. За тоа да се случи ќе им треба речиси перфектен натпревар на момците на Османи, но овој пат и среќата да биде на нивна страна.
Струга несомнено поседува квалитет да се надигрува во вакви натпревари, но дали тоа ќе биде доволно за славје против искусниот тим на Вајс ќе дознаеме денеска од 17:00 часот, за кога е закажан стартот на натпреварот во Охрид.