• Иван Димовски

Фудбалерите на Струга Трим Љум отпатуваа на гостување кај Слован Братислава во првото претколо на Лигата на шампионите.
Во пресрет на натпреварот, на претпазливост повика фудбалерот на Слован, Кенан Бајриќ. Тој нагласи дека фудбалот повеќе не е ист како порано и мора да се биде максимален против секој ривал.
„Навикнати сме да играме важни натпревари на почетокот на секоја сезона. Сè е подготвено во нашиот табор, ќе дадеме максимум за да обезбедиме позитивен резултат пред реваншот. Мора да бидеме подобри од минатата сезона. Овие квалификациски натпревари се непредвидливи.
Струга со сигурност ќе се бори и ќе даде сè што има во првиот меч. Балканскиот менталитет е таков. Добри се со топка, а сега фудбалот не е ист како пред десет години кога клубовите од помалите држави беа квалитативно послаби. Во денешниот фудбал освен квалитет треба многу да се трча и бори. Ова е прв меч во сезоната и за нас и за нив. Концентрацијата мора да е на максимално ниво“, изјави Бајриќ.
Македонскиот првак има свои математики, иако важи за аутсајдер во двомечот против Словаците. Првиот натпревар се игра в среда од 19:00 часот во Братислава.