Строги правила на Европското првенство, УЕФА ги штити судиите од „мобинг“

Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) најави дека на претстојното Европско првенство ќе направи сѐ што е во нејзина моќ за да спречи било каков „мобинг“ врз судиите. 

Извршниот директор, Роберто Росети, изјави дека целта е да се спречи агресивното однесување на фудбалерите, а „судиите ќе бидат заштитени како никогаш досега“. Италијанецот разговарал со сите селектори на репрезентациите кои ќе настапат во Геранија и им дал конкретни насоки за подобрување на односот кон судиите. 

Селекторите имаат задача да останат спокојни во секој момент и да не фрлаат дополнителен „оган“ на страстите, а играчите ќе добијат забрана за доближување до судиите и ќе добијат соодветни санкции, во зависност од нивната реакција. 

„За судиите е неприфатливо таквото однесување од играчите. Мора да го заштитиме имиџот на фудбалот и да дадеме позитивен пример за целиот свет. Мора да започнеме од некаде, се надевам дека овој план успешно ќе го реализираме на Европското првенство“, изјави Росети. 

Се претпоставува дека судиите ќе имаат поголема слобода во давањето жолти картони за жестоките реакции на играчите, а доколку некој „ја мине границата“, веднаш ќе му биде покажан патот кон соблекувалната. 

Европското првенство во Германија започнува на 14 јуни, а финалниот натпревар е закажан за точно еден месец подоцна.