ВИДЕО: „Стрелаа“ Имобиле и Муриел, Фиорентина и Лацио го поделија пленот

Претпоследниот натпревар од 27. коло на Серија А меѓу Фиорентина и Лацио на „Артемио Франки“ заврши без победник и со по еден постигнат гол во двете полувремиња (1-1). Ремито претставува добар резултат за двете екипи во обидите да се изборат за европско место следната сезона. 

Натпреварот започнаа со овации за гостинскиот резервист Милан Бадељ, кој до минатата сезона го носеше дресот на Фиорентина, а сега е ривал на спротивната страна. По првите закани на „виолетовите“, од првата зрела шанса римјаните поведоа. Во 23. минута Карлос Кореа убаво се проби, центрираше кон Чиро Имобиле, кој неумоливо го совлада Терачано (0-1).

Додека беа во шок избраниците на Пиоли ризикува да примат уште еден гол, но Аргентинецот Кореа не лобуваше најпрецизно во 41. минута.

Очигледно домашните фудбалери добиле лекција од Пиоли во соблекувалната и вториот дел го започнаа многу поагресивно. По центарашутот на Белгиецот Миралес во 61. минута, на вистинското место на прва статива се најде Луис Муриел и од прва во спротивниот агол со манир на роден стрелец ја погоди римската мрежа (1-1).

Следеше затишје, период во кој темпото опадна, а со исклучок на обидот на Милинковиќ-Савиќ и три гостински корнери, без возбудувања дуелот заврши мирољубиво.