• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Интер прикажаа моќна партија и убедливо го совладаа Сасуоло на гостински терен со 5-0 во натпревар од 24. коло на италијанската Серија А. Избраниците на Кристијан Киву ја запишаа петтата последователна првенствена победа и уште еднаш потврдија дека со сигурни настапи против екипите од долниот дел на табелата се гради шампионска трка. Иако оваа сезона не блескаат секогаш во дерби-дуелите, резултатите јасно зборуваат во нивна корист, бидејќи Интер сега се наоѓа на врвот со убедливи 58 бодови.
Милан заостанува осум бода и има натпревар помалку, но останува дилемата дали градскиот ривал ќе може да го следи високиот ритам што го наметнува лидерот. Сасуоло, пак, по овој пораз останува на 11. позиција со 29 освоени бодови.
- Сасуоло - Интер 0-5:
Натпреварот започна со одлична можност за домаќините, кога Коне упати удар и веќе ја виде топката во мрежата, но сигурниот погодок го спречи одличната интервенција на Федерико Димарко. Тој момент како да го разбуди Интер, кој веднаш ја презеде контролата и брзо стигна до водство. Во 11. минута, Димарко прецизно изведе корнер од десната страна, а највисок во скокот беше дефанзивецот Бисек, кој со удар со глава од непосредна близина го отвори резултатот.
Предноста беше удвоена во 28. минута по одлично изведена контра. Повторно Димарко беше во улога на асистент, овојпат со прецизен центаршут од левата страна, а Маркус Турам умешно им побегна на своите чувари и од прва ја испрати топката во мрежата за 0-2. Со овој резултат се замина на одмор, а продолжението донесе уште поофанзивен и поагресивен Интер. Само пет минути по почетокот на второто полувреме, Лаутаро Мартинез мајсторски ја прими топката во казнениот простор, си создаде простор за удар и прецизно погоди за ново зголемување на водството.
Само четири минути подоцна следеше речиси идентична ситуација како кај првиот гол. Димарко повторно нафрли од корнер, а овојпат најснаодлив беше Аканџи, кој со удар со глава ја смести топката во мрежата за убедливи 0-4. Работите за Сасуоло дополнително се искомплицираа во истата минута, кога Немања Матиќ доби втор жолт картон и мораше да го напушти теренот, оставајќи го својот тим со играч помалку. Иако домаќините се обидуваа да го сочуваат резултатот до крајот, Интер во самиот финиш ја комплетираше „петардата“. Во 89. минута, Луис Енрике упати прекрасен удар од околу 15 метри и со најатрактивниот потег на натпреварот го постави конечниот резултат од 5-0.
Домашна победа запиша Лече, кој на „Виа дел маре“ го надигра Удинезе со 2-1. Ганделман и Банда ги постигнаа головите за домашната, а Солет за гостиснаката екипа.









