• Мартин Танасковски

Екипата на Брегалница од Штип прва успеа да ја освои Автокоманда и го совлада Скопје како гостин (1-0), па се врати во сериозна игра за промоција во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
„Сините“ под водство на тренерот Влатко Костов играат одлично, а еден од хероите на гостите на можеби најтешкото гостување во лигата беше младиот голман Филип Купанов. Во повеќе наврати тој го спаси својот тим, а најзначајната одбрана ја имаше на десет минути пред крајот.
Еден од најдобрите играчи на Скопје, Виктор Ангелов, кој е лидер кај стрелците, можеше да постигне гол по нафрлена топка, но Купанов изведе одлична парада и изби во корнер.
Сега трката за промоција е навистина жешка. Три клуба имаат по 52 бода на врвот, тоа се ГФК Охрид, Брегалница Штип и Шкендија Арачиново. Четврти е Скопје со 50 бода. До крајот на ВМФЛ има уште седум кола.








