• Иван Димовски
Фудбалскиот клуб Црвена Звезда договори три огромни засилувања за настапите во Лигата на шампионите и одбраната на тутулата во српската Суперлига. Според пишувањата на „Mozzartsport“, клубот од „Маракана“ сериозно го засилува својот тим. Во редовите на Црвена Звезда доаѓаат Раде Круниќ, Немања Радоњиќ и Силас Мвумпа.
Најголемо од трите договорени засилувања треба да биде Силас Мвумпа, напаѓачот кој доаѓа од Штутгарт. Се работи за репрезентативец на Конго кој ќе биде позајмен во Белград, а ќе биде поставена и откупна клаузула на 10 милиони евра. 25-годишниот Мвумпа од 2019 година е член на Штутгарт, досега запиша 132 настапи за клубот, даде 35 гола и запиша 21 асистенција.
Засилување за нападот ќе биде и Немања Радоњиќ кој доаѓа од редовите на Торино. Крилниот фудбалер кој смени ногу клубови во кариерата има завидно портфолио со настапи за Рома, Марсеј, Бенфика, Херта...
Средниот ред ќе биде поцврст за искусниот Раде Круниќ. Босанскиот фудбалер по една година во Фенербахче ќе продолжи во Црвена Звезда. Круниќ пред Фенер мина четири ипол сезони во Милан, а претходно беше дел од Емполи и Верона во Италија.
Нема сомнеж, Црвена Звезда има респектабилен состав за настапите во Лигата на шампионите каде за ривали ги има Барселона, Милан, Интер, ПСВ, Монако, Бенфика, Штутгарт, Јанг Бојс.