• Горан Упале
Екипата на Манчестер Сити извојува сигурна победа во можеби најважниот натпревар оваа сезона во Премиер лигата. Сега веќе поранешниот англиски шампион пред својата публика со 3-1 (2-0) славеше во соочувањето со Борнмут и со тоа се врати во зоната која што води во Лигата на шампионите. Во пресрет на последното коло од англискиот шампионат Сити е на третата позиција на табелата со 68 бода, два повеќе од Њукасл, Челзи и Астон Вила, кои исто така во финалните деведесет минути ќе бркаат пласман во европската елита, каде засега од Англија сигурни се Ливерпул и Арсенал.
- Манчестер Сити - Борнмут 3-1:
Натпреварот на „Итихад“ беше посебен и за легендата на клубот и вториот најдобар асистент во историјата на Премиер лигата, Кевин де Брујне. Белгискиот ас го одигра последниот натпревар во дресот на „граѓаните“ пред својата публика и нема по добро да го памети. Прво промаши празен гол од само неколку метри и на тој начин со стил ќе се простеше од фановите, а потоа беше „жртва“ на грешката на Гвардиол и глупоста на Ковачиќ.
Левиот бек на Сити испрати грешно додавање кон назад до својот сограѓанин, а овој направи прекршок како последен играч, што значеше црвен картон и исклучување. Поради тоа Гвардиола мораше да менува и Де Брујне се пресели на клупата за во игра да влезе Нико Гонзалез.
Но, дуелот на „Итихад“ беше одбележан и по други два моменти. Зимското засилување Oмар Мармуш постигна вистинско ГОЛЧИШТЕ за водство од 1-0, а во финишот од натпреварот во дресот на Сити се врати најдобриот на светот – Родри, кој по долгата пауза поради сериозната повреда се врати на фудбалскиот терен. Вториот погодок за домаќинот беше дело на Бернардо Силва, во финишот од првиот дел, додеа нововлезениот Нико во 88. минута стави точка на победата на својот тим. Конечните 3-1 ги постави Џебисон во шестата минута од судиското продолжение. Во последното коло Сити гостува кај Фулам и доколку не загуби сигурно ќе обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона.
Вечерва се одигра уште еден натпревар од претпоследното коло во Премиер лигата, во кој освојувачот на ФА Купот, Кристал Палас славеше над Вулверхемптон со 4-2. Нкетиа со два и Езе и Чилвел со по еден гол беа автори на победата на „орлите“, додека за „волците“ стрелаа Агбадоу и Ларсен.