• Саше Љолес
Џон Стоунс имаше деби од соништата за Интер, постигнувајќи го победничкиот гол во триумфот од 1-0 против Реал Бетис во пријателски натпревар. Англичанецот погоди во 82. минута, само неколку минути откако влезе во игра.
По натпреварот, Стоунс не го криеше задоволството од својот прв настап во црно-синиот дрес, но откри и дека амбициите му се многу поголеми.
„Овој дрес е еден од најубавите во историјата на фудбалот. Горд сум што сум дел од овој клуб. Сакам да пишуваме нови страници во историјата и сакам да ја донесам Лигата на шампионите кај навивачите“, изјави Стоунс.
За 32-годишниот дефанзивец ова е ново поглавје по десет години поминати во Манчестер Сити. Во Интер повторно ќе игра со Мануел Аканџи, со кого претходно беше соиграч во таборот на „граѓаните“.
Стоунс призна дека трансферот во Италија е „излегување од неговата комфорна зона“, но е возбуден што ќе се запознае со поинаков стил на фудбал.










