• Горан Упале
Францускиот фудбалски гигант Пари Сен Жермен експресно им се врати на победите во домашниот шампионат. Поразот на големото дерби до Олимпик Марсеј беше брзо заборавен и момците на Луис Енрике рутински ја завршија задачата против Оксер и пред својата публика славеа со сигурни 2-0 (1-0).
Резултатот го отвори Забарни со својот деби погодок во петтиот натпревар во дресот на „светците“. Украинскиот стопер мрежата на гостите ја затресе во 32. минута на асистенција на Витиња. Со овој резултат се замина на одмор, а по само девет минути игра во вториот дел гостинската одбрана капитулираше по вторпат, а интересно во листата на стрелците одново се запиша дефанзвиец.
Конечните 2-0 ги постави вториот стопер на парижани, Лукас Бералдо, кој за разлика од Забрани го постигна третиот гол во дресот на ПСЖ, но прв оваа сезона.
Со оваа победа ПСЖ се врати на лидерската позиција на табелата со три бода повеќе од Олимпик Марсеј. Оксер пак, падна на тринаесеттото место со само шест освоени бода.








