• Иван Димовски

Фудбалерите на Атлетик Билбао славеа на домашниот натпревар против Рајо Ваљекано со 3-2 (3-1), во пресметка од шестата рунда на Примера. Првото полувреме на „Сан Мамеш“ понуди спектакл, четири гола и атрактивна игра, а единствен негативен момент беа трите примени гола за 45 минути на македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски.
- Атлетик Билбао - Рајо Ваљекано 3-1:
Оскар Трехо по само пет минути игра го донесе Рајо во предност во Баскија. Сепак, ситуацијата бргу се промени. Ињаки Вилијамс стрела за израмнување во 14, а потоа во 28. минута Сансет го комплетира пресвртот. До крајот на првиот дел погоди уште младиот Нико Вилијамс за 3-1. Вториот дел му припадна на Рајо, бидејќи беше поофанзивен и поопасен. Гостите дадоа еден гол преку Камељо кој беше поништен, ама пред финишот погоди и Радамел Фалкао за 3-2, резултат кој се испостави како конечен.
Претходно во попладневниот термин на „Местаља“ убедлив триумф запиша Валенсија против Селта (3-0). Со погодокот на Саму Кастиљехо домашните водеа на паузата, потоа Черви доби црвен картон и Селта беше во незавидна положба. До крајот Маркос Андре и Алмеида го поставија конечниот резултат.
- Валенсија - Селта 3-0:
По викендов следи репрезентативна пауза, па Столе Димитриевски ќе одговори на повикот на селекторот Благоја Милевски и ќе брани за Македонија во последните два натпревари во Лига на нациите.
- Ваљадолид - Кадиз 0-1:
Изненадување приреди Кадиз, кој првите бодови во шампионатот ги освои на гостувањето кај Ваљадолид (0-1). Голот вреден три бода го постигна ветеранот Алваро Негредо.