Стојков се повлече од функцијата спортски директор во Брера

Поранешниот македонски репрезентативец, Ацо Стојков, не е повеќе спортски директор на Брера Струмица. Струмичанецот доцна синоќа преку социјалните мрежи ја информираше јавноста дека се повлекува од функцијата во клубот, на која седна на почетокот на 2023 година.

Во својата објава, Стојков не ги соопшти точните причини кои донесоа ваков епилог, иако истакна дека тоа се должи на резултатската криза на екипата. 

„Сакам да ја информирам македонската спортска јавност дека од денес не сум повеќе спортски директор на Академија Пандев Брера Струмица. Во време на долгорочна резултатска криза доблест е да се понесе одговорност, дури и кога имаш најмалку вина. Но, одлуките се носат да се испочитуваат.

Им благодарам на фудбалерите за беспрекорната соработка, на клубот и управата за укажаната шанса и им посакувам успех во следниот период. Време е да се посветам на семејството и новите предизвици“, пишува во објавата на Стојков на социјалните мрежи.

Брера по фантастичниот старт влезе во неочекувана криза во домашниот шампионат и нема да биде изненадување доколку има промени и во стручниот штаб. По шеснаесет одиграни кола младата струмичка екипа е на шестата позиција со само четири бода повеќе од опасната зона.