Стојков: Имаме нов визионерски проект со Пандев и Брера

Аце Стојков ја презема функцијата спортски директор во Академија Пандев. Поранешниот репрезентативец на Македонија, како и фудбалер со голема интернеционална кариера, од денес влегува во раководните структури на клубот.

Струмичанецот беше дел и од тимот на Академија Пандев кој го освои Купот на Македонија за сезона 2018/19. Вели дека му е чест за шансата што му е дадена и испрати голема благодарност до сопственикот Горан Пандев, а истакна дека проектот со италијанска Брера е визионерски и првата цел е опстанокот, а потоа ќе се гради повеќе.

„Навистина сум почестен со шансата што ми е дадена и сакам да се заблагодарам на Горан Пандев за тоа што ме препозна мене како човек кој може да допринесе многу во развојот на една нова модерна фудбалска приказна. Без да должам со детали, кои секако наскоро ќе и бидат презентирани на македонската јавност, само ќе кажам дека партнерството на Академија Пандев со италијанската Брера Холдинг допринесе дополнително да ја прифатам понудата за спортски директор, бидејќи се работи за еден визионерски проект, и план за издигнување на ниво погоре во работењето и организацијата на клубот во иднина. Во периодот кој следува етапно ќе ги презентираме и новите засилувања кои ќе бидат дел од нашиот пролетен тим. Целта е една, да излеземе од опасната зона и што порано да го обезбедиме опстанокот, а потоа мирно да го приведеме првенството при крај. Секако и максимално ќе се посветиме на изградба на структурата која ќе ја крене Академија Пандев на следно ниво“, изјави Стојков.

Академија Пандев е претпоследна на табелата и ја чека битка за опстанок. Тимот ќе биде реновиран оваа зима, повеќе играчи заминаа, а на нивно место ќе дојдат нови имиња.

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.