Стојкоски: Овој трофеј со Тиквеш ми е посебен, нека „гори“ сега Кавадарци

Кристијан Стојкоски со фантастичен гол од слободен удар ја најави победата на Тиквеш над Воска Спорт (2-1) во финалето од Купот на Македонија. Играчот кој дојде до четвртата Куп-титула со третиот различен клуб по оние со Академија Пандев и Македонија ЃП не ги криеше емоциите.

„Сум освојувал досега трофеи, но ова е навистина нешто посебно, чувството е неверојатно. Со огромна желба цело Кавадарци ја посакуваше оваа историја. Затоа сите сме пресреќни. Нека гори сега Кавадарци. Не чека огромно славје вечерва. Целиот град го заслужи ова“, изјави Стојкоски.

Тиквеш со Куп-титулата си обезбеди и европско лето и на ждрепката во Конференциската лига ќе биде меѓу неносителите, а ривалот ќе го добие во месец јуни на ждрепката во Нион.