Стојчевски ќе им суди на големите ривали Вардар и Шкендија

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги одреди судиите кои ќе ја делат правдата во 19. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) кое е прво за оваа година и пролетната полусезона.

Фокусот ќе биде кон Арената „Тодор Проески“ во Скопје, каде ќе играат некогашните ривали за титула, Вардар и Шкендија. Главен судија ќе биде Игор Стојчевски. Лидерот Силекс во Кратово го пречекува Тиквеш, таму ќе суди Влатко Илиоски.

Во Маџари се игра дерби меѓу Гостивар и Струга, главен арбитар ќе биде Стојанче Трпчевски, додека Јован Качевски ќе биде на центарот на дуелот меѓу Воска Спорт и Беса. Шкупи на Чаир ќе го пречека Работнички, таму ќе суди Фуркан Идризи.

Во последниот меч се среќаваат Пелистер и Брера Струмица, на центарот ќе биде Доне Ристовски. Сите натпревари од ПМФЛ се играат во недела од 14:00 часот.