• Мартин Танасковски
Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година во Алмере ја очекува дуел со Холандија во натпревар од квалификациите за пласман на Европско првенство (ЕП) кое ќе се игра во 2025 година.
Нашите млади фудбалери на стадионот „Јанмар“ ќе го одработат последниот официјален тренинг. Еден од клучните играчи на генерацијата предводена од Драги Канатларовски, Андреј Стојчевски даде свој коментар и видување за претстојните предизвици на Македонија.
„Пред се најважно е да бидеме здрави, физички и психички да бидеме подготвени за следниот предизвик. Не очекува тежок натпревар против силен противник и ќе мора да бидеме максимално сконцентрирани во текот на сите 90 минути. Свесни сме за квалитетот со кој располага Холандија, репрезентација која е една од најдобрите во Европа, но свесни сме и за нашиот потенцијал кој треба и се надевам дека ќе го покажеме на терен. Единствено со многу борба и голема верба во самите нас, можеме да се надеваме на позитивен резултат“, изјави Стојчевски.
Младата репрезентација која се среќава со Холандија во четврток од 20:00 часот во септемврискиот период ќе одигра уште еден натпревар од квалификациите на гостински терен против селекцијата на Гибралтар.