• Горан Упале
Младинците на Брера в среда го играат реванш натпреварот од плеј-офот од квалификациите во младинската Лига на шампионите. На првата средба против Сараево во Струмица резултатот беше 2-2, а тренерот Ѓорѓи Стојчев истакна дека неговите избраници се подготвени за овој предизвик, без разлика што во тимот ќе отсуствуваат двајца клучни фудбалери.
„Екипата е подготвена и работиме во полн натпреварувачки ритам. По првиот натпревар со Сараево одигравме две дерби средби во домашната лига против Шкендија и Вардар. Подготвени сме за предизвикот кој што е пред нас и со нетрпение го чекаме натпреварот в среда.
За жал останавме без капитенот Мартин Ѓоргиевски, кој беше стрелец на двата гола во првиот натпревар. Ќе биде отсутен околу еден месец. Исто така ќе бидеме и без дефанзивецот Кесиќ, кој има репрезентативни обврски. Но, екипата има квалитет и сигурно нема да се почувствува нивното отсуство. Овој натпревар треба да го одиграме за нашиот капитен“, рече тренерот на Брера.
Ова е седма сезона на младинската Лига на шампиони под организација на УЕФА, во која Брера Струмица ќе се обиде да стане првата македонска екипа што ќе се пласира во второто квалификациско коло, а таму евентуален противник ќе ѝ биде тимот на Макаби Петах Тиква од Израел.