• Саше Љолес

Тренерот на битолски Пелистер, Милан Стојановски, го изрази своето разочарување од поразот од Вардар во вечното дерби на мак-фудбалот, потенцирајќи дека ова е најдобар меч на „зелено-белите“ сезонава.
Пелистер долго беше во игра против лидерот во ПМФЛ, но потклекна во финишот кога гостите добија удар од белата точка и славеа со конечни 1-2.
„Разочарани сме, затоа што ова беше најдобар натпревар на Пелистер. Жал ми е за момците, затоа што загубивме по две наши грешки. Тоа се случува, но во иднина мора да бидеме концентрирани. Не смееме сами себе да се победуваме.
Му препуштивме на Вардар повеќе да ја држи топката, мене искрено поседот не ми значи многу, поважно ми беше да создаваме добри шанси. Можеби во завршницата на акциите некои играчи не напаѓаа толку длабоко како што барав од нив, но мислам дека имаме добра основа за понатаму.
Задоволен сум од прикажаното, не би сакал да ги потенцирам грешките и нема да им замерам на моите момчиња. Најважно е да се одмориме физички и психички и да се подготвиме за следните предизвици. Жалам што не освоивме барем бод денеска“, рече Стојановски.
Следна мисија за пелистерци ќе биде натпреварот против Брера Струмица, кој ќе се одигра на деветти ноември.


