Стојановски: Психички и бодовно, оваа победа нека биде пресвртница за нас!

Фудбалерите на Пелистер конечно победија во ПМФЛ по пауза од осум кола, дома пред своите навивачи против Брера Струмица со минимални 1-0 (1-0). Битолскиот прволигаш последен пат триумфираше на 25 август против Шкупи, а оттогаш досега слави само против Тетекс во Купот и на пријателските средби со Престон и Динамо Букурешт. Оваа победа е прва за новиот тренер на битолчани, Милан Стојановски, во петтиот официјален натпревар.

„Ова победа многу ни значи. Имавме тежок распоред во претходниот период, густ распоред, четири меча по ред и малку се плашев од физичката подготовка и од заморот. Меѓутоа, на овој дуел играчите дадоа 90 минути и уште еднаш покажаа карактер кога беше најважно. Успеавме добра екипа како Брера да ја држиме 90 минути под борба и со еден гол да победиме. Во првото полувреме беше тврдо, резултатот беше во прв план и тој цел притисок беше тука. Во вториот дел се опуштивме, игравме поубаво, создадовме три шанси и тоа оној пат кој треба да го одиме за следните мечеви. Психички и бодовно, се надевам дека оваа победа ќе биде пресвртница за нас. Овие играчи покажаа дека ако сме комплетни, убаво изгледаме на терен и секој можеме да го победиме. Месец дена се запознававме, се виде против Вардар дека овој тим во овој момент може да се бори. Жал ми е за Мирко Ивановски што не може да игра, има некоја повреда и не е подготвен. Тој е лидер на нашата екипа, капитен и го чекаме да се врати“, изјави Стојановски.

Пелистер во овој дуел впиша круцијални бодови во борбата за опстанок. Сега битолчани имаат 11 бода и се на десеттата позиција, а Брера остана на шеснаесет бода и е шестопласирана.