Стојановски и Ристовски влегоа од клупата, Динамо слави на маглата кај Горица

Фудбалерите на Динамо Загреб по две реми средби се вратија на победите во Хрватската прва лига, откако славеа на гостувањето кај Горица со 0-2. 

На овој натпревар во двата табори играа македонски интернационалци, но добија поштеда и беа резерви. Влатко Стојановски во 74. минута беше испратен на теренот, додека Стефан Ристовски ги одигра завршните десетина минути. Кај шампионот на оваа земја го немаше Аријан Адеми кој е повреден. 

Пресметката на стадионот „Радник“ во Велика Горица се одигра со густа прекривка од магла. Иако видливоста беше слаба и дуелот беше прекинат, „модрите“ дојдоа до победата и трите бода. Динамо има проблеми со играта во последниот период, но сепак успеа да прокнижи бодови со головите на Бруно Петковиќ од пенал и Комнен Андриќ. 

  • Извештај од натпреварот: 

Загрепчани се лидер на табелата со ист број бодови (27) како Ријека и Осијек, но шампионот има натпревар помалку. Од друга страна Горица на Стојановски има 18 бода и е шеста.