Стојановски: Да ја продолжиме серијата со позитивен резултат кај Башкими!

Македонскиот прволигаш Пелистер се подготвува за натпреварот против Башкими, каде очекува продолжување на добрата низа и позитивните резултати во првенството. 

После победата над Работнички, „зелено-белите“ се стремат кон нов триумф со кој можат да фатат приклучок кон погорните позиции на табелата, а тоа го потврдува и тренерот Милан Стојановски. 

„Моментално сме во добра серија и работиме да ја задржиме што подолго. Знаеме дека играме против тежок противник, но момчињата работат добро и подготвени се да го дадат својот максимум на теренот. Се надевам дека ќе се вратиме непоразени во Битола“, изјави Стојановски. 

Кон неговите зборови се приклучи и Филип Бошковски, кој изјави дека во тимот владее убава и победничка атмосфера. 

„Имаме супер атмосфера во соблекувалната. Сакаме да ја преточиме на теренот и да се обидеме да го победиме Башкими. Целта е да победиме и да се вратиме дома со трите бода“, заклучи Бошковски. 

Натпреварот помеѓу Башкими и Пелистер ќе се одигра на 17 февруари, а почетокот е закажан за 14:00 часот.