Стојанов: Против Лабуништа ќе играме еден за сите, сите за еден

Екипата на Брегалница ги заврши своите настапи од есенскиот дел од сезоната на Втората македонска фудбалска лига  - Исток и сега пред себе го има можеби најголемиот предизвик – првиот натпревар од четвртфиналето на Купот на Македонија. 

Во Штип ќе гостува тимот на Лабуништа во единственото второлигашко дерби во оваа фаза, а Дарко Стојанов смета дека гостинот е квалитетен и сериозен противник, но верува во победа без примен гол.

„Утре очекувам да ја повториме играта од Кавадарци. Да играме со голема желба за победа и пожртвуваност, да не се штедиме. И оваа средба е мошне важна за нас, за рејтингот на Брегалница. Ќе играме сите за еден, еден за сите. Таа колективна игра мора да донесе резултат. Гостинот од Лабуништа е сериозен и квалитетен противник. Во никој случај не смееме да го потцениме.. Треба да бидеме внимателни и во одбраната. Очекувам победа без примен гол“, смета Стојанов.

Натпреварот меѓу Брегалница и Лабуништа ќе се игра под рефлектори од 16:30 часот, а претходно ќе се сретнат Шкендија – Работнички, Струга Трим Љум – Ренова и Шкупи – Академија Пандев.