• Горан Упале

Екипата на Беласица го има најдобриот старт на една сезона во последните неколку години во Втората македонска фудбалска лига, но на изненадување на сите во Струмица, „сините“ остатокот од сезоната ќе го доиграат со нов тренер.
Архитектот на оваа Беласица, Александар Стојанов, се реши да се повлече од функцијата шеф на стручниот штаб, по двата врзани порази на тимот во последните две кола.
„Во спортот успехот и неуспехот се рамо до рамо,некогаш ќе бидеш победникот, а некогаш ќе се соочиш и со поразот. Правилните возачи кога тимот победува целото величење го насочуваат кон тимот, а кога ќе се сретнат со поразот го преземаат на свои плеќи.
Можеби факт во моментот е дека не е тоа што треба да биде и не е тоа според очекувањата на клубот, а и јас сум тренер кој бара успех, а кога има неуспех и после два врзани порази, имам доблест да ја преземам целата одговорност на себе. Дадов се што можев да дадам досега, се посветив целосно со цело срце и душа за овој клуб но некогаш кога почнува нешто да не оди сфаќаш дека е време да се повлечеш само за да оди клубот до зацртаната цел. Се надевам на крајот од првенството дека клубот кој за мене значи светост ќе биде на местото на кое припаѓа во македонскиот фудбал.
Од денес со тешко срце, но со човечка, спортска и пред се тренерска доблест се повлекувам од позицијата шеф на стручен штаб на ФК Беласица“, истакна Стојанов.
По првите шест кола Беласица беше без пораз, со пет победи и едно реми, а во последните две загуби од Осогово и Шкендија Арачиново.






