Стигна потврда од ПСЖ: Две ѕвезди го напуштаат Париз по крајот на сезоната

Како што веќе се најавуваше во изминатиот период, налето капитенот на ПСЖ, Тиаго Силва, но и искусниот напаѓач, Единсон Кавани ќе станат слободни агенти. Клубот од Париз нема да ги продолжи договорите на ветераните, а останува да видиме дали тие ќе останат до август и ќе играат во Лигата на шампионите. 

Овие информации ги потврди спортскиот директор, Леонардо, кој изјави дека по крајот на сезоната двајцата играчи ќе заминат од ПСЖ. 

„Единсон Кавани и Тиаго Силва по крајот на сезоната ќе ги напуштат редовите на ПСЖ, тоа е потврдено“, кратко изјави Бразилецот.

Интересот за Кавани е значително поголем отколку за стоперот, па Уругваецот ќе може да бира каде сака да ја продолжи кариерата и покрај годините. Тој за седум години минати на „Паркот на принцовите“ стана најдобар стрелец во клупската историја со 200 погодоци. 

Од друга страна, Тиаго Силва беше само поврзуван со враќање во Бразил, но постои и опција за враќање во Милано. „Росонерите“ не би имале против да го вратат поранешниот капитен, со договор на една или две сезони, но тој би морал да ги намали примањата.